vamp

Како што пишувавме и претходно, човештвото се насочи кон истражување на вселенските тела во Сончевиот систем, како еден мал чекор кон станување космички релевантни. Покрај опседнатоста со Марс, постои значителен труд да се истражува Венера, сателитите на Сатурн и Јупитер, како и подалечните тела како Нептун и Плутон.

Кога сме веќе кај Венера треба да знаеме дека површината не е воопшто пријателска за било каква опрема. Венера се наоѓа многу поблиску до Сонцето од Земјата, на нејзината површина постојано беснеат бури и атмосферата е изградена од јаглероден диоксид и азот, а е 90 пати помасивна од Земјината. Затоа, многу од концептите за истражување на Венера се базираат на летање во нејзината атмосфера место спуштање на површината.

Веќе пишувавме за лебдечкиот град кој е идеја на NASA. Сега имаме нов концепт, а тоа е летало кое треба да лебди над венерините облаци до една година и да врши истражувања и скенови. Леталото ќе се вика VAMP – скратеница од Venus Atmospheric Maneuverable Platform (Атмосферска маневрабилна платформа за Венера), и е дел од натпреварот на NASA наречен New Frontiers кој ќе започне на 1 Октомври.

VAMP ќе може да носи опрема со тежина од 200 килограми, ќе има распон на крилјата од 46 метри и ќе кружи по небото на Венера на висина од 55 до 70 километри во текот на цела година. За ова време би требало да ги изврши сите потребни истражувања со опремата која ќе ја носи. Интересното е што леталото ќе се надувува за да биде полесно и да држи поголема површина, па да му треба многу помалку енергија за летање која ќе може да ја обезбеди преку сончеви панели.

Останува да видиме дали ова летало ќе ја добие наградата на NASA и ќе почне да се остварува како следниот футуристичен концепт на истражувачки роботизирани летала во нашето „блиско“ соседство.

Извор: Engadget, SpaceNews

 

Претходна статијаMediaTek го лансираше првиот мобилен процесор со 10 јадра!
Следна статијаПродолжување на животот преку јадење „тешки“ маснотии?