Јавниот транспорт пред неколку години во Скопје заостануваше барем три-четири децении зад светските метрополи. По купувањето на новите автобуси заостанува барем две. Луѓето кај нас се’ уште сметаат дека тоа што државата ќе го купи/замисли/изведе е подобро од приватната иницијатива.
За среќа, приватниците постојано успеваат да им докажат дека не се во право. Еден свеж пример е NEXT. Се работи за концепт за јавен транспорт кој цели да го револуционизира истиот. Се базира на моторизирани електрични кабини кои автоматизирано се движат низ улиците и вршат транспорт на луѓе од едно до друго место.
Револуционерни концепти за јавен транспорт и претходно имало, како на пример Hyperloop. Разликата во овој случај е што кабините ќе имаат способност да се влечат едни за други налик вагони, па дури и луѓето да преминуваат од една во друга кабина на сред возење! По потреба, кабината навремено ќе го извести патникот да се префрли во некоја друга бидејќи таа ќе се префрли да вози по друг правец. Координирањето на кабините ќе се прави автоматски од нив самите и од некој дистрибуиран систем кој ќе ги набљудува.
Во кабините ќе можат да седат до 6 луѓе и да стојат до 4, а неколку споени кабини ќе имаат капацитет да превезуваат колку и цел автобус – околу 50 луѓе. Некои од кабините нема да бидат наменети за пренесување на луѓе туку за пренесување на наполнети и испразнети акумулатори. Спомнавме дека кабините ќе бидат моторизирани со електрични мотори. Тоа секако ќе изискува добар извор на електрична енергија. Затоа, италијанскиот дизајнер на проектот Гешелин осмислил дека тие ќе ги оставаат потрошените акумулатори, а ќе земат наполнети на одредени места, така скратувајќи го времето за сервис.
Компаниите (a веројатно и приватни лица) ќе можат да си купат и приватни кабини, па со нив да вршат транспорт на своите вработени или да пренесуваат производи од продавница, гости, па дури и кафе. Во таа иднина веројатно фразата нема да биде „одам на кафе“ туку „дојди, само што нарачав кафе од соседниот град“.
Гешелин се надева дека проектот ќе може да го оствари до 2020 година. Некои експерти велат дека тоа е преоптимистично, но според него потребната технологија веќе постои и само треба да се префини. Веќе постојат електрични возила, а автономното возење полека си го пробива патот низ улиците. Дополнително позитивно е што „голем германски играч“ одлучил да соработува со авторот за хардверот, а повеќе германски и еден литвански град се потенцијални цивилни партнери.
Ваквиот концепт веројатно прво ќе се тестира во некој експериментален град како CITE. Град Скопје, од друга страна, веројатно ќе се задржи на својот приоритет – уредување на фасадите како што биле уредени во 17-ти век, кои пак биле правени по пример на некои градби од античко време, кои пак биле правени по којзнае која „мода“.