4К резолуцијата, Dolby Vision и другите технологии, заедно со OLED екраните, е можеби најдоброто нешто што и се има случено на индустријата на телевизори. Оваа технологија на панели, иако се користи и е одлична и кај другите видови на уреди, кај телевизорите навистина прави разлика во корисничкото искуство, но е и можеби најскапа.
Развојот на технологија која веќе постои, од страна на научници од Јужна Кореа, ги подгрева надежите дека OLED телевизорите може да имаат нешто пониски цени. Овој развој исто така треба да има влијание и кај другите уреди, односно смартфоните, таблет компјутерите, мониторите и други.
Напредокот кој го имаат постигнато научниците од Pusan National University е во користењето на „solution-processed“ OLED, начин на производство кој е поевтин, но досега имал проблеми со начинот на производство и издржливоста.
Проблемот е во процесот на производство во делот на „редење“ на композитните слоеви во OLED панелот, нешто што го спречува комерцијализирањето на овој начин на производство, барем досега.
За да го решат досегашните проблем, научниците имаат развиено нов начин на поставување на материјалите со карактеристики кои овозможуваат постигнување на саканиот квалитет.
Напредокот научниците го имаат објавено во Chemical Engineering Journal, па тие кои навистина се разбираат во овој дел од процесот на производство, можат да го прочитаат детално.
Како и обично, ваквите напредоци не донесуваат и период кога можеме да очекуваме да ги видиме резултатите, па се што може да се каже е дека во годините што следат може да се очекува поголем напредок во технологијата на OLED, па ако не намалување на цените, да не доаѓа до нивно покачување со воведувањето на нови и интересни функции.