Нанотехнологијата е поле кое се развива со голема брзина, а веќе ветува многу. Природно, развивањето на нанотехнологијата води кон дополнителен развиток на поголеми нешта кои се поврзани со неа. Таква е, на пример, микротехнологијата во која спаѓаат микропроцесори, најразлични сензори, прекинувачи и така натаму.
Па така, научниците од Универзитетот од Ајндховен го создадоа најмалиот сензор за температура на светот. Овој сензор има површина од само 2 милиметри квадратни и работи безжично. Сигурно се прашувате каков извор на енергија користи бидејќи веројатно не постои примамлив начин да се смести батерија на нешто толку малечко.
Финтата е дека нема батерија или некаков физички извор на енергија, туку целата енергија ја прима токму од безжичните бранови кои доаѓаат од некој емитер, на пример од рутер. Рутерот испраќа безжични бранови, а сензорот ги претвора во електрична енергија (преку електромагнетна индукција). Потоа тој се активира и назад емитува радиосигнал чија фреквенција е зависна од измерената температура. Рутерот и софтверот има задача да го фати овој сигнал и да го преведе во температура.
Генијално парче микротехнологија ќе се согласите. Тежината на овој сензор е цели 1,6 милиграми, па со неговата големина лесно може да се замисли да биде сместен каде и да ќе ви текне, особено зошто не му е потребен било каков извор на енергија за да работи. Засега има способност да прати сигнал до далечина од 2,5 сантиметри, но научниците работат да го направат да праќа до 5 метри што е веќе прифатлива далечина. Уште една добра работа: цената треба да му биде околу 20 евроценти!
Од друга страна, лесно можеме да ја замислиме ваквата технологија во рацете на разни непријателски актери кои би можеле да го искористат чипот за далечинско ослободување на нервни отрови. Етичките прашања повторно чукаат на вратата…
Извор: University of Eindhoven, Gizmodo, Engadget