На TechCrunch Disrupt настанот се претставуваат повеќе интересни проекти, меѓу кои е и овој интересен 3D принтер. Овие принтери стануваат се попопуларни со развојот на технологијата, меѓутоа за разлика од другите вакви производи, Mink принтерот е наменет за печатење на шминка. Како што кажува Choi, студентката од Harvard која што стои зад развојот на овој принтер, тој е наменет за женската популација, односно за девојките на возраст од 13 до 21 година. Според неа оваа група на девојки се’ уште експериментираат со својот изглед и очекува најголема популарност кај нив. Изработката на ваков производ ја објаснува со се поголемата популарност на Do it yourself (направи го сам) производите, како и високата цена и не толку достапните шминки во секое време.
Принтерот работи во комбинација на супстрат кој што го користат сите производители на шминки и inkjet боја за принтер. Со него може да се испечатат шминки како, кармин, руменило, сенка за очи и други. Работи на многу едноставен начин и без потреба од посебен и дополнителен софтвер. Во основа, корисникот се што треба е да ја избере точната боја која што сака да ја претвори во шминка и да стисне на принт копчето. Бојата се внесува во Photoshop програмата како во примерот во видеото, а може да се користи и било која друга слична програма. Која боја точно ќе се избере се прави како и во било кој друг случај со ваквите програми, односно преку внесување на кодот на бојата, а до него може да се дојде од било кој извор. Корисникот бојата може да ја најде на видео или слика, па со дознавање на кодот на бојата, истата да ја испечати. Откривањето на кодот на бојата може да се направи на повеќе начини, а во видеото Choi тоа го прави со едноставен додаток за интернет прелистувачот.
Од видеото во продолжение можете да видите демо од Mink принтерот, односно да видите како тој функционира, како и одговори на неколку прашања за Choi.