W10_Laptop_NUI_16x9_en-US_030615-741x416

Како што најави, Microsoft работи на развојот на новиот Windows 10, а напредокот и новите функции постепено ќе ги претставува во јавноста. Денеска од компанијата го претставија Windows Hello, нов систем кој што ќе овозможи биометриска автентикација на корисниците во Windows 10.

Со други зборови, Windows Hello е систем кој што ќе овозможи најавување на оперативниот систем, но и на други сервиси, веб страни, апликации и слично, користејќи ги отисоците од прстите, лицето или ирисот на окото. Оваа технологија се разбира не е нова, меѓутоа Microsoft сака да ја направи подостапна за големиот број на нивни корисници.

Корисниците кои што веќе поседуваат некој уред за читање на отисоците од прстите ќе можат да го користат Windows Hello, меѓутоа за користење на системот со камерите, потребни ќе бидат понови уреди кои што вклучуваат и инфрацрвени сензори. Ова во исто време треба да овозможи и поголема сигурност, а отклучување на уредот со прикажување на слика од корисникот, како што можевме да видиме во повеќе наврати, не би требало да е возможно.

Windows Hello исто така е истакнат и како систем кој што овозможува високо ниво на сигурност и приватност. Биометриските податоци се чуваат и препознаваат на самиот уред и истите не се испраќаат преку интернет до било кои сервери. Комуникацијата со серверите, доколку се работи за најава на некој онлајн сервис, се врши преку заштитени клучеви, а препознавањето на личноста останува на самиот уред.

Покрај Windows Hello, Microsoft го претставија и Microsoft Passport, систем кој што всушност ќе го овозможи најавувањето на апликации и сервиси. Овој систем ќе биде наменет да ги земени моменталните лозинки, а најавата ќе оди целосно преку овој систем. За да функционира системот, сопствениците на сервисите потребно е да го вклучат како дел од сервисите.

Идентификацијата за најавување преку Passport ќе се одвива преку внесување на PIN на одредени уреди или преку користење на Windows Hello. Заштитата која што ја нуди овој систем е потребата од потенцијалниот хакер да го има и вашиот уред, покрај вашиот PIN или биометриски податоци.

Извор: Microsoft, The Verge

Претходна статијаBeam – Проектор кој може да се прикачи на фасонка
Следна статијаExploring Shar Mountain – Македонска апликација за откривање на Шар Планина
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.