8a3a6ed1d04200a0c9bedfd42f0bd9cfae022041_800x600

Li-Fi е технологија за безжичен пренос на податоци, како што асоцира и самото име, слично на познатиот Wi-Fi стандард. За разлика од веќе стариот стандард кој што сите го користиме во домовите, Li-Fi не користи радио бранови за пренос на податоци, туку ја користи видливата светлина.

Поради тоа, Li-Fi работи преку светилките кои што нема каде не се користат, со што може да се постигне навистина добро покривање со мрежа. Начинот на кој што се испраќаат податоците кај оваа технологија е преку навистина брзо трепкање на светилките, доволно брзо за да не може да биде забележано од човековото око.

Оваа технологија се смета и за побезбедна од Wi-Fi поради фактот дека светлината не може да помине низ предмети и ѕидови, нели, па крадењето на сигналот од соседите, на пример, не би било возможно.

Li-Fi исто така овозможува големи брзини на пренос на податоците. Во лабораториските тестирања таа брзина има достигнато и до 3 гигабити во секунда, а се верува дека истата може да биде и поголема. Ова е посебно важно за употребата на технологијата во градовите, компаниите и слични места каде што се очекува голем број на корисници и пренос на податоци.

Сепак, тестирањата во контролирана околина, односно лабораторија, не е исто со користењето на технологијата во вистински ситуации. Резултатите може значително да варираат, како и да се појават непредвидени проблеми кога технологијата ќе биде користена од голем број на корисници.

jugnu-1

Компанијата Velmenni овозможи да оваа технологија биде тестирана во „вистинскиот свет“, преку претставувањето на светилка која што го има интегрирано потребниот чип за Li-Fi. Оваа светилка наречена Jugnu ќе биде поставена во неколку компании од различен вид, по што ќе може да се добие пореална претстава за потенцијалот на технологијата.

Jugnu ќе се користи, односно и веќе се користи во индустриски компании, а ќе биде поставена и во компании со повеќе канцеларии. Се планира и тестирање во домашни услови, па може да се каже дека ќе бидат овозможени добри услови за реално тестирање.

Од тоа што досега е забележано од направените тестови, Li-Fi има овозможено брзини на пренос на податоци до 1 гигабит во секунда, што сигурно е за пофалба.

Сепак, ќе бидат потребни повеќе тестови кои што ќе треба да покажат и други елементи покрај брзината, која што како што знаете не е единствената работа која што е значајна за добра комуникација. Тука е и безбедноста, стабилноста на комуникацијата и слично.

Во продолжение можете да го погледнете TED говорот на професорот Харалд Хас од Универзитетот на Единбург кој што е одговорен за развојот на Li-Fi технологијата.

Извор: TechRadar, IBTTimes

Претходна статијаNeyya – Прстен со кој можете да контролирате други уреди
Следна статијаDojo – Интелигентен домашен дигитален заштитник
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.