Компанијата наречена Knightscope, која доаѓа од California, неодамна претстави мобилен робот, познат под името KnightscopeK5. Овој робот или т.н. автономна податковна машина може да служи како алатка за сигурност и безбедност и истиот е наменет и може да ги извршува своите задачи на подрачјето на една населба, или пак училиште или некоја корпорација.
Идејата на компанијата е да со овој вид на роботи, ги заменат луѓето кои се задолжени за безбедноста со помош на овој робот кој е опремен со високо квалитетни камери и сензори. Knightscope роботот може да собира податоци во реално време преку мрежата од сензори кои тој ја поседува. Тука станува збор за најразлични технологии од типот на камера со висока резолуција со агол на покривање од 360 степени, инфрацрвени и ултразвучни сензори, високо квалитетни микрофони, радар, сензор за квалитет на воздухот, оптичка технологија за скенирање и препознавање на лица и предмети (пр. регистарски таблички) и слично.
Роботот има за цел да собира големи количини на податоци, со помош на претходно наведените сензори и овие податоци тој локално ги анализира и процесира со помош на предиктивни алгоритми. Тој ги споредува добиенеите податоци со референтни податоци за одредени постоечки норми, и доколку забележи било какви отстапувања ги алармира сопствениците и органите задолжени за зачувување на редот и мирот.
Покрај основниот модел KnightscopeK5, компанијата го претстави и моделот KnightscopeK10, кој е наменет за поголеми отворени области и приватни патишта. Тие велат дека овој модел може дополнително да се прилагоди и да служи како средство за следење и регулирање на сообраќајот.
Од компанијата велат дека нивната долгорочна цел е да покажат дека со комбинација на овој хардвер и софтвер, можат да го намалат криминалот во дадена област за 50%. Се надеваат дека успешните резултати кои ќе ги постигнат во одредени области, ќе предизвикаат експанзија на технологијата на Knightscope. На овој начин се надеваат дека ќе можат да дадат, значајно, трајно и позитивно влијание за општеството.