Беспилотните летала („дронови“ или „беспилотки“) се една од забавните потрошувачки технологии на оваа деценија. Летањето и снимањето со нив веќе се користи како модерен начин за постигнување разни ефекти и агли кои порано не беа достапни, а со оглед дека имаат способност да носат цели камери на себе не е ни чудо.
Од друга страна, способноста да носат цели камери кои тежат неколку килограми значи дека имаат способност да носат експлозиви и друг тип на оружје. Многу држави се обидуваат да ја регулираат употребата на беспилотки за приватни цели со уредување на зони за забранет лет, максимална висина до која може да се лета, максимална тежина и така натаму.
Јапонија исто така влезе во овие води на уредувањето поттикната особено по слетувањето на летало со радиоактивен песок врз канцеларијата на премиерот (во протест против јапонската нуклеарна програма). Најновите промени вклучуваат меѓу другото уредување на забранети зони за летање и формирање на „тим на беспилотки“ кој ќе внимава на почитувањето на зоните.
Овој тим ќе има задача да ги набљудува зоните за забрането летање. Ако некој ги наруши, ќе се обидат да го најдат операторот на леталото и да го принудат да го слета. Ако не успеат, ќе можат да повикаат поголеми летала („добрите“) кои со мрежи ќе ги ловат и заробуваат „лошите“. Дополнително, хобистите управувачи на беспилотки ќе мораат да побараат писмено одобрување од администрацијата за да можат да управуваат со нивните летала.
Да, знаеме што помисливте – колку би било добро да излезете на тераса и да видите зажештена трка меѓу добри и лоши беспилотки кои зујат насекаде. Наскоро ќе можеме да го видиме ова во живо, а на некој филм веројатно уште побрзо.
Извор: PopSci, ArsTechnica