Слободно може да се каже дека кога ќе се спомене самоуправувачки автомобил, повеќето веднаш помислуваат на Google и нивниот можеби досега најмногу напреден концепт. Меѓутоа, Google не се единствените кои што развиваат ваква технологија, а тука очекувано се доста од производителите на автомобили.
Како интересно место за тестирање на овие автомобили во реални услови се покажа Калифорнија каде што е донесен закон со кој што се дозволува и регулира оваа активност. На производителите кои што ќе го тестираат својот концепт на самоуправувачки автомобил се приклучува и Honda.
Honda се приклучува на 9 други компании кои што ја имаат добиено дозволата од Калифорнискиот Оддел за моторни возила (DMV – Department of motor vehicles), меѓу кои се наоѓаат Google, Tesla Motors, BMW, Mercedes Benz, Nisan и други.
Доколку се следи трендот на развојот на самоуправувачки автомобили дефинитивно може да се заклучи дека ова е нешто што ќе стане реалност во иднина. Според Google и други производители, технологијата која што денес се тестира би била спремна до 2020 година.
Инаку и денес веќе можат да се види технологија која што постепено ќе ги воведе автомобилите во новата ера. Доста модели вклучуваат системи со сензори кои што го следат возењето и околината, а имаат можност да реагираат на одредени случувања. Сето ова постепено ќе доведе до нивна целосна автономија, а возачите полека ќе можат да се опуштат и да уживаат во својот „приватен шофер“.
Извор: Ars Technica, DMV, Reuters