Напредокот во автомобилската технологија во последните неколку години е фантастичен, а особено во погледот на намалување на потрошувачката на моторите, односно зголемување на опсегот на возење кај електричните возила со едно полнење на батериите.
Досега видовме неколку различни идеи за тоа како еден автомобил може да искористи што повеќе од енергијата која му е достапна и со тоа да го оптимизира движењето, а најзастапени денес се кочењето преку генератор, односно случај каде при одземањето на педалата за гас, електричниот мотор се претвора во генератор кој ги полни батериите, како и собирање на топлината што се прави при механичкото кочење, а од фрикцијата меѓу дисковите и плочките. Овие технологии веќе се вградуваат во скоро сите хибридни и електрични автомобили, но и натаму, многу од енергијата се троши на совладување на отпорот кој го прави воздухот и триењето на тркалата со подлогата.
Американскиот производител на пневматици, Goodyear, ќе се обиде да го совлада токму последниот проблем, а тоа е големото трошење на енергија преку тркалање на пневматиците. Тие направија нов пневматик, кој може да ја собира топлината што се генерира од триењето на пневматикот и истата да ја претвори во електрична енергија, која притоа би ги наполнила батериите во автомобилот. Ваквите пневматици можат да се користат дури и кај автомобилите со нормален погон со внатрешно согорување и енергијата генерирана од нив да се користи за некои секундарни системи, како клима уредот на пример.
Новиот прототип пневматик кој се вика BH03, ќе ја собира топлината преку термоелектрични материјали, кои лесно ја претвораат во електрична. Сепак, инженерите имаат и друга идеја, која може да даде многу повеќе енергија, а тоа е користењето на пиезо-електрични кристали, кои генерираат електрична енергија под притисок. Денес, овие кристали се користат обратно, односно со доведена електрична енергија, се стегаат или опуштаат и се користат во прскалките за гориво кај моторите со директно впрскување.
Сепак, оваа технологија е далеку од сериско производство и би можеле да ја видиме најрано за 15 години отсега. Дотогаш, за оние што сакаат да заштедат, се чини и натаму најдобар совет е да бидат понежни со педалата за гас.
Извор: Engadget