Полека, но сигурно, човештвото ја развива и надополнува својата интеракција со технологијата со нови начини кои предходно не можеле ниту да се замислат. Револуцијата која ја донесоа тастатурата и глушецот, графичкото опкружување, првиот iPhone, разните аудио хардвери, OculusRift и останати пронајдоци, воведоа нови и подобри начини за интеракција со компјутерите и останатата технологија.
Па сепак, LCD екраните во главно останаа исти и работат на истиот принцип – слика се прикажува на рамна површина составена од милиони пиксели. Рамната површина не се менува, туку е цврста и мазна, а целата интеракција се прави на друг начин. Екраните осетливи на допир воведоа некој тип на директна интеракција на корисникот со екранот, но ова е далеку од тоа што можеме да правиме и што сме правеле во минатото кога сме манипулирале со разни предмети (на пример, кога некој вајар ќе го чепка парчето глина за од него да создаде посакувана форма).
За да го смени ова доаѓа проектот GHOST, кој е кратенка од Generic, Highly-Organic Shape-Changing Interfaces. Главната идеја е создавање на далеку поинтерактивни екрани кои можат да ја променат формата, да проектираат 3Д холограмска слика во воздух и со неа да се манипулира. Тоа го постигнуваат со неколку технологии.
Имено, од една страна се работи за екрани чија површина може да се менува во зависност од приказот. Па така, ако се појави тастатура на површината на екранот како слика, самата форма на екранот може да се промени во копчиња кои одговараат на приказот, па корисникот да има физичка информација дека притиснал копче. Дополнително, со помош на ултразвук можат да се проектираат форми „надвор од екранот“. Се` уште не е јасно како точно го постигнуваат овој ефект, но во секој случај изгледа доста интересно.
Уште една иновација која е дел од GHOST е можноста екранот да ја менува формата на поголеми делови/површини и да ја следи позицијата и формата на некој прикажан предмет, кој ќе можете понатаму да го манипулирате и менувате во форма слично како вајар. Дополнително, Универзитетот од Бристол основа и мала компанија наречена UltraHaptics која ќе работи на користењето на ултразвукот за да се создаде чувство на допир на сред воздух.
Ваквите напредоци ќе овозможат далеку понапредна интеракција на луѓето со екраните. Уште сега можеме да си ги замислиме најразличните употребни вредности на ваквите екрани, од музички настапи, преку симулирани операции, до играње игри и манипулирање со текст и бројки. Ќе продолжиме да го следиме GHOST и што ќе донесе во иднината.