Понекогаш, нашите биолошки делови ни откажуваат послушност и се расипуваат. Една таква „епидемија“ на „расипани“ органи ни се случува буквално до носот – очите. Милиони луѓе ширум светот носат очила, леќи или пак одат на ласерска операција за да си го поправат видот кој не им служи како што треба. Веројатно голем дел од луѓето кои треба да носат очила не ни знаат дека им требаат се` додека не е касно.
За да се спречи ова, американската компанија EyeNetra со системот Blink планира да започне да нуди домашни очни тестови за одредување на диоптрија. Тие ова планираат да го изведат преку користење на апликација за мобилен телефон и систем налик Oculus Rift или ArchosVR. Луѓето кои ќе сакаат да се тестираат ќе треба да платат 75 долари, а потоа техничар ќе дојде во нивниот дом заедно со уредот и ќе ги тестира нивните очи за некакви пореметувања во фокусот. Потоа резултатите кои се добиени тие ќе ги испратат на офталмолог, а тој ќе ви препише очила без да морате да одите директно кај него.
Процесот на проверка ќе трае околу 20 минути и вклучува три типови на тестирање: пуштање на црвена и плава светлина во очите и мерење на рефрактивната грешка, мерач на јачината на очите и каков диоптер е потребен, и поглед кон очна карта и пробување на разни типови леќи кои би ви биле соодветни за нормален вид.
Blink засега ќе биде достапен само во Њу Јорк, но EyeNetra изјави дека ќе работат на проширување на достапноста. Од друга страна, се прашуваме дали воопшто е потребна ваквата „иновација“ во медицината. Офталмолозите, покрај тоа што го проверуваат диоптерот, прават и потемелни проверки на вашите очи – каква е нивната влажност, дали случајно имате некаква инфекција или дали вашиот очен нерв е в ред. Секако, кога Blink или некој сличен систем ќе се развие да може да направи темелен преглед на очите целата работа ќе добие поголема смисла.
Извор: Engadget, Technology Review