Како и сите други автомобилски гиганти, така и BMW гази со крупни чекори во светот на новите технологии во автомобилскиот сектор. Производството на електрични автомобили е можеби и најважната инвестиција која што може една компанија да ја направи, и колку порано се случи тоа толку подобро за компанијата. Навремениот почеток остава доволно простор за напредок и усовршување во иднина.

Моделот i3 на BMW кој што се базира на оваа нова технологија постигнува значајни резултати како еден од најпродаваните електрични автомобили во светот. BMW ја надгради батеријата на овој модел и успеа да ја зголеми ефикасноста за цели 50%, или изразено во километри тоа е речиси 200 км со едно полнење.

Сепак за многу возачи во светот оваа километража не е доволна, што ја отежнува продажбата на електрилните возила. Единствено решение е да се продолжи со зголемувањето на капацитетот на батериите. Баварскиот производител работи на случајот и најавува значителен напредок на нивните батерии до 2026 година. Батериите ќе користат литиум јонска технологија како и до сега. Разликата овој пат е во електролитите, течните електролити ќе се заменат со цврсти. За почеток со ова ќе се добие од 15 до 20% зголемување на капацитетот на батеријата. Истовремено ќе се намали и тежината на батериите, што исто така е многу важно за електричните автомобили, и ќе се намали ризикот од пожар во случај на несреќа.

Најавата дека овие батерии ќе бидат достапни во 2026 година не значи дека тогаш ќе почнат да се произведуваат, туку дека од сега, па во наредниве 10 години BMW ќе ги тестира истите со цел да извлече максимум од нивниот капацитет.

Извор: BMWBlog, AutoCar

Претходна статијаLegion е свеж и оригинален пристап кон мутантите на Marvel
Следна статијаLG го најавува G6 како доверлив смартфон