Безбедноста во авионската индустрија е една од најважните работи кога се работи за превозот на патници. Веројатно не постои тема со поголема важност од нејзе. Авионскиот транспорт е еден од статистички најбезбедните на светот, но статистиката ништо не значи ако се најдете во авион на кој му се откачило крилото и паѓа надоле.
За да ви ги намалат грижите во врска со крилата конкретно, научниците моментално работат на самопоправачки крила. Не се работи за поправање на огромни пореметувања, но се работи за поправање на мали микрооштетувања со кои се соочуваат авионите секојдневно. Кога авионот лета тој редовно е во допир со парчиња лед, прашина, инсекти и други појави кои при тие брзини често знаат да направат микрооштетувања врз крилјата и другите делови.
Акумулацијата на вакви микрооштетувања може да доведе до поголема несреќа па авионските компании редовно ги сервисираат и менуваат оние делови кои веќе се истрошиле од ваквото малтретирање. Меѓутоа, најновиот изум на научниците од Универзитетот од Бристол ќе ја намали потребата од толку чест сервис.
Имено, идејата им е нешто налик самопоправувачкиот бетон за кој веќе пишувавме – се работи за додавање на микрокапсули со течност во материјалот за градење на крилата, кој во допир со воздух или други услови кои настануваат при оштетување ќе се стврдне, така автоматски зачувувајќи го интегритетот на крилото.
Брзината на зацврстување е зависна од околинската температура и ќе постои разлика меѓу зацелување кога авионот лета над Дубаи и над Сибир. Според истражувачите нивниот изум може да се аплицира на било кој производ направен од јаглеродни влакна, што е навистина добредојдено за сите предмети и заштити кои се базираат на овој материјал.
Засега овој изум веројатно ќе започне да се користи во авионската индустрија, а истражувачите мислат дека за одприлика 5 до 10 години ќе влезе во општа употреба.
Извор: IFLScience, BBC