Започнувајќи со нивниот A3 2015 модел, кој што треба да биде достапен во Америка од овој месец, Audi ќе започне со нудење на поврзување преку 4G LTE безжичната технологија. За оваа услуга корисниците ќе може да изберат помеѓу два пакети, односно 6 месечен пакет со вклучени 5 GB по цена од 99 долари и 30 месечен пакет со вклучени 30 GB по цена од 499 долари. Сите корисници кои што веќе го користат Audi Connect системот во моделите кои што го поддржуваат ќе ги добијат првите 6 месеци бесплатно кога оваа понуда ќе почне да функционира.
Audi возилата веќе имаат интернет конекција и сервиси поврзани со неа преку Audi Connect системот. Поточно преку внесување на SIM картичка корисниците добиваат 3G конекција која што може да ја користат за навигација преку Google Earth, гласовно пребарување преку Google, добивање на временската прогноза, паркирање, слушање на интернет радио, поврзување со социјалните мрежи и слично. Сето ова работи преку вградениот систем во автомобилите. Исто така интересна можност со Audi Connect системот е неговата можност за споделување на интернет конекцијата, односно правење на Wi-Fi Hotspot за до 8 уреди, што им овозможува на луѓето што се возат во автомобилот да ја користат конекцијата.
Со додавањето на 4G LTE поддршка автомобилот ќе добие побрза конекција која што може да ја користи за горенаведените функции. Услугата ќе биде овозможена во партнерство со американскиот провајдер AT&T, а на корисниците ќе им овозможи и вклучување на претплата како дел од нивната мобилна претплата.