Електрични и автомобили на водород, почекајте на ред, бидејќи моторите со внатрешно согорување се уште не се подготвени да одат во пензија! Имено, Audi откри нов начин за производство на дизел гориво, кој драматично ќе ја намали емисијата на штетни гасови што ги испуштаат дизел агрегатите.
Производството на ова гориво се прави во неколку чекори. Прво, со електролиза на водена пареа на многу високи температури од околу 800 степени, кислородот се одделува од водородот, како што на сите ни е познато. Потоа, кислородот се испушта во атмосферата, што е одлично, додека водородот се става во реактор, каде се поврзува со јаглерод моноксид и формира хидрокарбонско соединение наречено “blue crude”. Токму ова соединение потоа може да се користи како погон за автомобилите со дизел мотор.
Покрај тоа што производството е лесно, исто така е и евтино, бидејќи се користи вода од природни извори и CO2 (од кој се прави јаглерод моноксид) од воздухот. А математиката вели дека собраниот CO2 од воздухот, потоа ќе се врати при согорувањето во моторот во скоро иста мера во атмосферата, што значи дека ваквите модели ќе имаат скоро нула загадување со јаглерод диоксид, кој е највиновен за глобалното затоплување.
Исто така, од Audi велат дека ова дизел гориво има многу попроста структура и дека при согорување, ќе испушта многу помалку други штетни гасови во атмосферата, како на пример азотни оксиди. Покрај тоа, моторите кои работат со ова гориво се многу потивки од тие што работат со фосилен дизел, што не само што ја подобрува удобноста кај патниците, туку и може драстично да ја намали бучавата во градските подрачја, која според многу истражувања е еден од главните виновници за стрес и анксиозност кај луѓето.
Најдоброто кај ова гориво е што може директно да се користи кај дизел моторите кои ги возиме денес, што значи дека сопственикот на возилото нема да мора да направи големи вложувања за да вози со еколошко гориво, како што е тоа случај со скапите електрични и водородни автомобили.
Извор: National Geographic, IflScience