Главниот администратор на Претставничкиот дом на САД донесе одлука за забрана на познатата апликација WhatsApp од Meta. Со одлуката, на сите вработени им се забранува да на нивните службени уреди ја користат оваа апликација, а доколку ја имаат инсталирано, ќе бидат повикани да им биде избришана. 

Како главна причина за оваа одлука, како и секогаш во вакви ситуации, се истакнуваат безбедносните грижи, а поради недоволната отвореност на апликацијата за тоа како ги штити податоците од корисниците. Понатаму се истакнува и дека податоците кои се зачувани не се заштитени со шифрирање, па поради тоа користењето на апликацијата претставува безбедносен ризик. 

Како алтернатива на оваа апликација се истакнуваат неколку кои се сметаат како безбедни, а тие ги вклучуваат апликациите Microsoft Teams, Amazon Wickr, Signal, како и iMessage и FaceTime од Apple. 

Оваа одлука доаѓа краток период по објавата дека WhatsApp не е доволно безбедна и покрај тоа што разговорите се заштитени со од-крај-до-крај шифрирање. Неколку мета податоци, како што се со кого комуницира корисникот, неговата локација и слично, сепак се собираат од страна на Meta, а на тоа треба да се додаде и фактот дека компанијата нема баш најдобар углед кога е во прашање приватноста на корисниците. 

Од Meta очекувано не се согласуваат со тврдењата во одлуката и истакнуваат дека ќе докажат дека апликацијата е безбедна за користење.

WhatsApp во периодот што следи ќе почне да прикажува и реклами, нешто што не оди баш во прилог на компанијата која сака да ја промовира оваа апликација како безбедна и приватна. 

ИЗВОРThe Hacker News
ИЗВОР 2Axios
Претходна статијаChrome на Android ја доби можноста за поставување на лентата за адреси на долната страна
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.