Поврзаноста која ја имаат OneDrive и апликациите како Word е одлична и можноста за директно зачувување на документите во „облакот“ е одлична и препорачана практика.
Сепак, никогаш не може да се добие позитивна реакција кога Microsoft одлучува во име на корисниците и на крајот делува како да ги тера да користат некој нивни сервис.
Во овој контекст, Microsoft најави дека планира да направи промена во Word која ќе значи автоматско зачувување на документите во OneDrive. Тоа значи дека доколку корисникот не направи избор каде сака да му биде зачуван документот, па само притисне на „Зачувај“, тој документ ќе биде зачуван во OneDrive, а не на компјутерот.
Ова секако може да биде исклучено во Settings > Save и тргање на ознаката од „Create new files in the cloud automatically“. Дополнително, корисниците можат да изберат друга папка да биде стандардната за зачувување со десен клик на истата при зачувување на некој документ.

Како што кажав, чувањето на документите во OneDrive е одлична можност, а посебно доколку корисникот користи повеќе уреди, па документите ќе му бидат достапни секаде. Исто така, ова е доста подобро кога корисникот работи во компанија каде често се прави „соработка“ за документите.
Оваа новина моментално се пушта во Microsoft 365 Insider програмата, но со тек на време ќе им стане достапна на сите корисници. Тоа значи дека доколку ви прави разлика каде се зачувуваат документите, треба да го проверувате истото кога зачувувате некој документ.
Ова е уште една практика карактеристична за Microsoft, а посебно и за OneDrive, сервис кој е дикретно интегриран во Windows 11 и доста активно им се „наметнува“ на корисниците.