Како што беше најавено во мај оваа година, Microsoft Authenticator од почетокот на идниот месец целосно ќе ја изгуби поддршката за чување на лозинки, а со тоа и ќе се врати на основата со која започна оваа апликација.
Процесот на тргање на оваа функција од апликацијата започна уште во јуни, кога беше тргната можноста за додавање на нови лозинки, а продолжи овој месец со тргањето на можноста за автоматско пополнување на лозинките.
Од август апликацијата воопшто нема ни да ги прикажува лозинките, но корисниците нема да ги изгубат, па Microsoft само ја менува апликацијата од која тие ќе можат да пристапат до нив.
Лозинките, со оглед на тоа што тие се синхронизираат со серверите на Microsoft, ќе бидат достапни преку Edge прелистувачот, а доколку корисниците планираат да останат со решението од компанијата, се што ќе треба е да го изберат Edge како апликација за пополнување на лозинки.
Корисниците исто така ја имаат можноста да ги префрлат лозинките на друг сервис, како што е одличниот и бесплатен Bitwarden и да ја користат оваа апликација.
Тоа што останува кај Microsoft Authenticator, а е поврзано со најавувањето на сервисите, е поддршката за „passkeys“, па корисниците ќе можат да продолжат да ја користат апликацијата за тоа.