Adobe ја претстави Project Indigo, засега бесплатна апликација за сликање и снимање, која е достапна само на iOS, а некогаш во иднина ќе стане достапна и на Android.
Покрај целата листа на причини зошто Project Indigo е подобра од вградената Camera апликација, како и други конкурентни апликации, оваа апликација привлекува внимание и поради тоа што зад нејзиниот развој стојат двајца поранешни вработени во Google.
Марк Левој и Флориан Кеинц работеле на развојот на доста популарните Pixel Camera, а претходно Google Camera апликациите, а од компанијата беа познати по квалитетот на сликите кои можеа да се сликаат со Pixel уредите.
Кога ќе се земе во предвид дека апликацијата доаѓа од Adobe, веднаш станува јасно дека таа е насочена кон нешто подобрите „сликачи“, односно корисниците кои се професионални или аматери фотографи. Достапни се неколку мануелни режими кои овозможуваат прилагодување на сликањето, наместо тоа да се остави на апликацијата.
Исто така, Project Indigo овозможува сликање и во „raw“ формат, нешто што повеќето апликации го овозможуваат, а со тоа корисниците добиваат доста поголем простор за измена на сликата подоцна во професионалните апликации.
Што се однесува до што е тоа што апликацијата го нуди за сите корисници, според Adobe тоа се доста поквалитетни слики кои изгледаат и поприродно. Тоа се постигнува преку комбинирање на повеќе слики во една, исто така нешто што е класично за смартфоните, но Indigo тоа го прави на начин кој ја намалува светлината и изложеноста на сликите.
„Што е поразлично кај компјутерската фотографија со Indigo? Прво, ние намерно потемнуваме повеќе отколку што тоа го прават повеќето камери. Второ, снимаме, порамнуваме и комбинираме повеќе кадри за секоја фотографија — до 32 кадри. Тоа значи дека нашите фотографии имаат помалку „изгорени“ светли делови и помалку шум во темните делови. Правењето фотографија со нашата апликација можеби ќе бара малку повеќе трпение откако ќе го притиснете копчето за сликање, но по неколку секунди ќе бидете наградени со подобра фотографија.“ – истакнуваат од Adobe во доста долгата објава која можете да ја прочитате тука.