Xiaomi 17 серијата, која ќе биде претставена наскоро, привлекува доста внимание поради прескокнувањето на бројката 16, се верува дека е поради iPhone 17 серијата, како и поради тоа што телефоните од серијата изгледа ќе бидат првите кои ќе работат на Snapdragon 8 Elite Gen 5.
Од компанијата преку Weibo официјално го прикажаа изгледот на Xiaomi 17 Pro и Xiaomi 17 Pro Max, а прикажана е задната страна и тоа со причина.
Двата Pro модели ќе бидат меѓу ретките телефони кои доаѓаат со екран на задната страна, а во овој случај екранот ќе биде поставен како дел од модулот за камерите.
Екранот ќе може да прикажува повеќе работи, како информации од апликациите, разни видови на часовници, да се користи за сликање со задните камери, а се очекува дека Xiaomi ќе прикаже повеќе функции при официјалното претставување на телефоните.
Вакви екрани моментално можеме да видиме кај „флип“ телефоните, но не и кај „обичните“ смартфони, а интересно Xiaomi беа тие кои имаа сличен ваков модел во 2021 со нивниот Mi 11 Ultra.
Иако ваквиот додаток е интересен, некако не ми се верува дека повеќе производители би го прифатиле за своите смартфони.
Xiaomi ќе ја претстави новата Xiaomi 17 серија до крајот на овој месец, односно на 24 септември.