Почнувајќи од пред некоја година со помалата верзија од Galaxy S3 моделот, Samsung претставува помала mini верзија од своите главни модели. Денеска од компанијата официјално го претставија Galaxy S5 mini моделот кој што треба да ги привлече корисниците кои што не сакаат да користат телефон со поголеми димензии, а и не сакаат да ја платат неговата доста поголема цена. Се разбира корисниците на mini моделите со тоа се откажуваат од доста од карактеристиките од главниот модел.
Galaxy S5 mini, како и претходните mini модели, доаѓа со послаби перформанси во скоро секој дел, но сепак ги вклучува новите сензори претставени во Galaxy S5 кои што беа и помеѓу главните нови карактеристики на телефонот. Тоа значи дека S5 mini ги вклучува сензорот за пулс, сензорот за отисоци од прсти, отпорност на вода, Ultra Power Saving режимот на работа, како и можноста за поврзување со најновите паметни часовници од компанијата. Од останатите карактеристики, иако послаби од главниот модел, сепак овој mini модел е нешто подобар за разлика од неговите претходници. Па така, Galaxy S5 mini доаѓа со:
- Димензии од 131.1 x 64.8 x 9.1mm и тежина од 120g
- 4.5 инчен HD Super AMOLED екран со резолуција од 1280 x 720 пиксели
- Quad Core 1.4 GHz процесор
- 1,5 GBRAM меморија
- 16 GB внатрешна меморија за складирање со можност за додавање на SD картица до 64 GB
- Батерија со капацитет од 2.100 mAh
- 8MP главна задна камера и 2.1MP предна камера
- LTE Category4 : 150 Mbps DL, 50 Mbps UL
- HSDPA 42.2Mbps, HSUPA 5.76 Mbps
- Избор на следните бои: јаглен црна, бела, сина и бакарно златна
Samsung Galaxy S5 mini треба да започне да се продава во Русија од почетокот на овој месец. Се разбира планирано е проширување на неговата продажба во повеќе пазари, меѓутоа точни информации за кога и каде ќе се продава од компанијата се’ уште немаат дадено.