Познатиот кинески бренд realme објави два нови концепт телефони од кои едниот посебно го привлекува вниманието. Телефоните за жал сѐ уште не се подготвени да влезат во производство, па може да се очекуваат во годините што следат.
Телефонот кој привлекува посебно внимание е тој кој доаѓа со батерија со капацитет од 15.000 mAh, додека дизајнот не е ништо поголем од стандардните телефони денеска.
Ова секако се постигнува поради прифаќањето на силициумската технологија од страна на кинеските производители кои веќе претставуваат телефони со околу 20% поголеми батерии од своите конкуренти.
Со ваква батерија од realme истакнуваат дека телефонот ќе може да се користи до 5 дена без потреба од полнење, а на тоа додаваат и 18 часа снимање на видео, како и 50 часа гледање на видео содржина.
Кратко кажано, ова е телефонот кој со години го чекаме, а според информациите ќе почекаме уште некоја година додека го видиме на пазарот. Ова посебно важи и за телефоните кои најчесто ги користиме, тие од Samsung и Apple, кои сѐ уште не почнуваат да ја користат новата технологија за батериите.
Еден ваков телефон без проблем може да се користи и за полнење на други уреди со оглед на тоа што има поголем капацитет од просечните надворешни батерии.
Вториот концепт телефон е со посебно ладење кое се споредува со клима уредите, односно вграден вентилатор кој дува ладно. Со ваквиот систем телефонот би имал во просек 6 степени Целзиусови пониска температура од телефоните денес.