На 10-ти Септември Apple одржа специјален настан, како и секоја година, кој што со месеци е предмет на гласини, мислења, очекувања што наредно ќе биде претставено. Оваа година Apple претстави 2 нови телефони, наместо стандардното претставување на 1, како и новата верзија од својот мобилен оперативен систем iOS. Телефоните што ги претстави се очекуваната iPhone 5s верзија и новиот поевтин модел 5c. Мобилниот оперативен систем е веќе познатиот iOS 7, кој до овој настан беше во бета тест верзија.

iPhone 5s

Што се однесува до надворешниот изглед и дизајн нема ништо ново, освен додатниот избор на боја, покрај црна и бела, сега има и бела/златна. Повеќето промени се наоѓаат во внатрешниот дел, односно под хаубата.

iPhone 5s side

iPhone 5s има нов чипсет, А7, кој што е првпат направен во 64 битна архитектура, што значи дека и новиот iOS 7 е 64 битен оперативен систем. Со тоа iPhone 5s треба да биде 2 пати побрзи од претходната генерација и исто така има 2 пати побрз графички процесор. Ново нешто што го претстави Apple e M7, како што го нарекуваат, односно ко-процесор за движења. Овој чип ги мониторира и агрегира информациите добиени од акселерометарот, жироскопот и компасот, а со тоа и го растерeтува А7 процесорот. Со ова, а заедно и со новото API за движења во iOS 7, ќе бидат овозможени нова генерација на спортски апликации кои многу попрецизно ќе ја одредуваат физичката активност. Исто така ќе се постигне и заштеда на бетеријата, поради неоптоварувањето на главниот процесор.

Камерата останува со претходните 8 мегапиксели, меѓутоа има други унапредени функции. Има поголем отвор (aperture), f/2.2, за разлика од претходните f/2.4, како и 15% поголем сензор за слика. Нови се и 2 дупли LED блица наречени True Tone, кои имаат различни температури на бои. Поточно, кога се спремате за сликање, зависно од сцената и условите на сликање, блицот прави комбинација од различни температури на бои со што се постигнува најприродната слика што е можна. Блицот има можност да направи комбинација од 1000 различни температури на бои.

Можеби најинтересната новина е Touch ID, сензор за допир вграден во Home копчето. Овој сензор детектира кога ќе го ставите вашиот прст на копчето без да мора да го притиснете. Целта на овој сензор е зголемување на сигурноста, користење наместо шифра за отклучување на телефонот. Има поддршка за повеќе отпечатоци од прсти. Може да се користи при купување на апликации од iTunes продавницата, без да мора да ја користите вашата лозинка.

iPhone 5s button

iPhone 5s fingerprint

iPhone 5s ќе биде достапен во продажба од 20-ти септември во Америка, Австралија, Канада, Јапонија, Германија, Франција, Сингапур… Во остатокот од светот ќе биде достапен до Декември оваа година.

iPhone 5c

iPhone 5c side

Ова е телефон што веќе подолго време се очекуваше од Apple да го направи достапен на пазарот. iPhone 5c е поевтина варијанта на iPhone, нешто што досега не беше дел од понудата и стилот на Apple. Доаѓа со спецификации исти како што ги има iPhone 5 со тоа што надворешноста е направена од пластика која доаѓа во 6 различни бои. Има 4 инчен ретина екран со резолуција од 1136 x 640 пиксели. Apple A6 чипсет, 8 мегапикселна камера, LTE конекција, WiFi a/b/g/n и Bluetooth 4.0. Исто така доаѓа со новиот iOS 7. Достапноста и на овој модел ќе биде иста како и на 5s, односно до крајот на Декември за Европа.

 

Претходна статијаПрограми кои го имплементираат класичното Start Menu во Windows 8
Следна статијаiCloud.com доби iOS 7 редизајн
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.