Motorola го претстави најновиот член на One серијата кој овој пат доаѓа со 5G поддршка, а со оглед на класата и цената која се најавува, ова ќе биде еден од подостапните 5G телефони.

Од компанијата уште ја немаат најавено официјалната цена, но истакнуваат дека истата ќе биде под 500 долари, што кога ќе се земат во предвид карактеристиките на телефонот, сигурно е дека Motorola One 5G ќе биде еден од попопуларните на пазарот.

Motorola One 5G доаѓа со вкупно 6 камери, вграден „флеш“ во едната за подобри слики од блиску, како и стапка на освежување на екранот од 90Hz, нешто што изгледа се почесто ќе го гледаме кај повеќето телефони.

Екранот на телефонот е со големина од 6,7 инчи и има Full HD+ резолуција, како и HDR10 поддршка. За жал екранот е направен со LCD технологијата, а не со OLED, но кога ќе се земе во предвид цената и другите карактеристики, ова сигурно нема да претставува некаков проблем за корисниците, а посебно ако искуството покаже дека светлината и боите се на задоволително ниво. Кога ќе се додаде на тоа стапката на освежување, анимациите и работата со екранот ќе бидат многу подобри.

Snapdragon 765G е чипот кој е вграден во Motorola One 5G, а исто така телефонот доаѓа со 4GB RAM и 128GB простор за податоци.

Кај Motorola One 5G вниманието ќе го привлечат камерите, кои ги има вкупно 6, како и батеријата со огромен капацитет од 5.000 mAh, што кога ќе се земе во предвид екранот и чипсетот, не е чудо да издржи до 2 дена, како што најавуваат од Motorola.

Главната камера доаѓа со сензор од 48 мегапиксели и Quad Pixel технологија за комбинирање на пикселите, нешто што обично доста помага за подобри слики во темни услови. Втората камера која доаѓа со ултра широк агол има сензор од 8 мегапиксели, а тука се уште две камери со 5 мегапиксели кај камерата за сликање од блиску, како и 2 мегапиксели кај последната камера која е тука за детектирање на длабочината на сликата, нешто што овозможува добри ефекти, меѓу другото.

Интересно е што „флеш“ осветлувањето е ставено околу камерата за сликање од блиску, нешто што ќе помогне кога оваа камера ќе се користи и светлото ќе биде насочено од изворот точно кон објектот што се слика.

На предната страна се поставени две селфи камери, во две дупки на левата страна од екранот. Камерите доаѓаат со сензори од 16 и 8 мегапиксели, а како и сите уреди од пониските класи, селфи можностите се голем дел од тоа што ги прави привлечни кај корисниците.

Motorola најавува цена под 500 долари кога уредот ќе стане официјално достапен, а тоа се очекува наскоро.

ИЗВОРTom's Guide
ИЗВОР 2Motorola
Претходна статијаXiaomi ја претстави третата генерација од нивната технологија за камера под екранот
Следна статијаПет години гаранција на апаратите за домаќинство на Samsung
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.