Доволно неофицијални информации и слики можевме да видиме изминатите месеци да скоро е сигурно дека iPhone 17 Pro серијата ќе дојде со делумно нов дизајн.
Главните промени се концентрирани на модулот за камерите, па истиот сега ќе биде по целата ширина на уредот, со што сензорите ќе бидат поместени повеќе кон десната страна.
Како еден вид на потврда за оваа промена во дизајнот доаѓа слика од човек кој изгледа дека користи „неофицијален“ iPhone. Иако овој уред е целосно покриен со маска, сепак може да се видат сензорите кои се поставени на десната страна.
Секако, не можеме да бидеме сигурни дека ова навистина е iPhone, но кога сликата целосно ги потврдува досегашните гласини, јасно е дека шансите се големи да се работи за вистински iPhone 17 Pro.
Со оглед на тоа што претставувањето на наредната генерација од iPhone е за околу месец дена, можно е да вработените веќе ги тестираат овие уреди.
Претставувањето засега се очекува дека ќе биде на 9 септември, па наскоро може да се очекува и официјално закажување на настанот од страна на Apple.
Сликите од iPhone 17 Pro, односно наводно од овој уред, можете да ги погледнете во продолжение.