За можноста HTC да претстави Windows Phone верзија од својот најнов и најдобар телефон, One (M8), се пишува веќе одреден период. Меѓутоа сите достапни информации се неофицијални, па се’ уште не е сигурно дали од компанијата навистина планираат вакво нешто.
Најновите повторно неофицијални информации говорат дека од HTC ќе претстават Windows Phone верзија од One (M8) моделот и истата ќе биде ексклузивно достапна за американските корисници преку Verizon операторот. Датата која што се најавува како можна за претставување на телефонот е 21 Август. Телефонот според информациите ќе биде наречен HTC One (M8) for Windows, што значи продолжување на долгите и чудни имиња од страна на компанијата, посебно кога се работи за Windows Phone телефоните.
Што се однесува до другите карактеристики на телефонот, се очекува дека тој ќе ги вклучува во главно сите карактеристики кои што ги има во неговата Android верзија. Тоа значи дека ќе биде вклучена двојната камера која што беше првпат претставена од страна на HTC со M8 моделот, како и BoomSound звучниците. Исто така се најавува достапност на VoLTE, односно Voice over LTE, нешто што моментално не е можно на Windows Phone оперативниот систем, меѓутоа неофицијално се најавува за 8.1 Update 1 надградбата за ова лето.
Според информациите HTC One (M8) for Windows ќе се продава по цена од 610 долари, односно 199 долари доколку се земе на договор. Дали телефонот би се продавал и во интернационална верзија не е уште познато и сигурно зависи од неговата продажба и популарност преку Verizon во САД.