Познатиот Ice universe објави неофицијални слики со кои тврди дека наредната генерација од Galaxy S Ultra телефонот ќе дојде со мала измена во дизајн стилот, измена која може да направи доста голема разлика.
Galaxy S24 Ultra, а и претходните модели се направени со прави агли, односно уредот е како правоаголник, па дури тоа може да се каже и дека е карактеристичен изглед за Ultra серијата.
За Galaxy S25 Ultra се најавува дека ќе го прифати стилот на другите модели, како и на конкуренцијата и ќе дојде со заоблени агли. Тие нема да бидат заоблени до нивото на iPhone, но веќе нема да бидат прави и телефонот нема да ја има карактеристичната правоаголна форма.
Заедно со ова се најавува и намалување на рамките околу екранот, како и генерално рамката околу уредот со што тој треба да стане доста поудобен за користење, посебно кога ќе се земе фактот дека се работи за доста голем уред.
Дополнително, се најавува и додавање на сензор со 50 мегапиксели кај ултра широката и телефото камерата, нешто кое може да се каже дека е доста голема надградба кај камерите на овој телефон.
Има уште доста време додека видиме што од гласините ќе се покаже како точно, но типично за изминатите години, гласините започнуваат доста рано, па е интересно за корисниците кои ги следат случувањата.