Уште од минатата година читаме за претставување на доста потенка верзија од iPhone, која би требало да го замени „+“ моделот од четирите модели кои ги претставува Apple секоја година во септември.
Како еден вид на потврда дека вакво нешто ќе биде претставено, може да се земе претставувањето на тенка верзија од Galaxy S 25 серијата од страна на Samsung, наречена Galaxy S25 Edge.
Претставувањето на iPhone 17 Air се очекува за 9 септември, за кога се шпекулира одржувањето на Apple настанот за претставување на iPhone 17 серијата.
Доколку се тргнат на страна карактеристиките на овие тенки телефони, кои се во голем дел слични со другите модели, тие сепак мора да имаат компромис во одреден дел. Главното внимание тука е насочено кон батеријата, а во главно поради тоа што Samsung и Apple сѐ уште не ја користат силициумската технологија за батериите.
S25 Edge доаѓа со батерија со капацитет од 3.900 mAh, а во случајот со iPhone 17 Air се најавува уште помала батерија со капацитет од 2.900 mAh.
Станува јасно дека привлечноста на овие уреди ќе биде во главно малата дебелина и купувачи ќе бидат корисниците кои тоа ќе им биде доволно. Потребата од полнење на телефонот секој ден, па дури и по неколку пати, треба да е нешто што не е фактор.
Кога сме кај главната карактеристика, од слика објавена на X може да се види дека iPhone 17 Air ќе биде потенок од својот Samsung конкурент, за „дури“ 0,3 милиметри. Тоа на сликата изгледа како многу, па доколку се покаже како точна оваа информација, Apple сигурно ќе игра на таа карта.
Од следната година двете компании можно е конечно да почнат да ја користат поновата технологија за батерии, која овозможува околу 20% поголем капацитет со иста големина. Тоа значи дека втората генерација од овие уреди ќе биде многу попривлечна за купување.