Microsoft Teams е сервис којшто е наменет за тимовите во компаниите да комуницираат помеѓу нив. Еден од најпознатите вакви сервиси кој го „отвори“ пазарот е секако Slack.

Како еден вид на замена за чет апликациите и имејл комуникацијата, апликациите како Teams овозможуваат директна еден на еден комуникација во компанијата, а уште поважно, креирање на разни канали за разговори на одредени теми, односно групни разговори. Корисниците можат да прават и аудио и видео разговори, а достапна е и интеграцијата со повеќе апликации, меѓу кои и Office апликациите.

За разлика од Slack, Microsoft Teams уште од самиот почеток е дел од Office 365 за бизнис, па корисниците кои сакаа да го користат мораа да платат за целиот пакет, за да можат да го користат и Teams. Најниската цена која е беше достапна е 5 долари од корисник месечно, што за мали компании и не е така евтино.

Достапноста на бесплатна верзија од Slack направи да овој сервис стане еден од најмасовно користените, па Microsoft реши дека сепак сака поголем дел од овој колач.

Microsoft Teams од оваа недела е достапен и бесплатно, оставајќи одредени функции само за корисниците коишто плаќаат. Меѓутоа, достапните функции и во бесплатната верзија се повеќе од доволни, па корисниците добиваат целосно функционална апликација за корпоративна комуникација и организирање на тимовите.

Во бесплатната верзија од Microsoft Teams се достапни следните функции:

  • Неограничени разговори и нивно пребарување
  • Пристап на корисници гости
  • Максимум од 300 корисници
  • Word, Excel, PowerPoint и OneNote апликации во Teams
  • Повеќе од 140 интегрирани апликации и сервиси
  • 2 GB простор за секој корисник и 10 GB заеднички простор за сите
  • Еден на еден и групни аудио и видео повици
  • Споделување на екранот

Платената верзија од Teams овозможува поголем простор за секој корисник, како и организацијата, како и уште неколку дополнителни можности за состаноци. Очигледно, се што би било потребно за една мала компанија, достапно е во бесплатната верзија.

Пуштањето на бесплатната верзија од Teams би требало да привлече повеќе корисници кои се мислат за тоа која платформа да ја користат, а можно е и привлекување на корисници од конкурентите. Оваа одлука исто така ќе придонесе да компаниите некогаш во иднина се решат за платената верзија, а кога ќе дојдат до таква одлука, сигурно ќе платат за платформата на која се навикнати.

Доколку сакате да се регистрирате за бесплатната верзија од Microsoft Teams, тоа можете да го направите преку следниот линк.

ИЗВОРMicrosoft
ИЗВОР 2VB
Претходна статијаНеколку совети како да бидете сигурни дека вашето дете ќе биде добар возач
Следна статијаSony го претстави Xperia XA2, смартфон од средната класа со посебен акцент на аудио можностите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.