Корисниците на Windows 10, а не сум баш сигурен дали и колку Microsoft ќе прави разлика според начинот на „активирање“ на системот, можат да започнат да се приклучуваат на ESU програмата, односно Extended Security Updates.
Оваа програма ќе ги чини приватните корисници 30 долари за уште една година поддршка, но од компанијата во јуни ја најавија и можноста оваа една година да се добие бесплатно.
Корисниците на Windows 10 ќе треба да се најават со својата Microsoft сметка на Windows Update апликацијата и да ги синхронизираат своите прилагодувања со серверите од компанијата. Со ова, тие добиваат можност да се приклучат на ESU програмата бесплатно.
Оваа можност досега беше тестирана преку Insider Preview програмата, а сега започнува да им биде достапна и на останатите.
За бизнисите цените се повисоки, а тие имаат можност да ја продолжат поддршката до три години, а секоја година станува поскапа.
Причината поради која Microsoft се одлучи оваа година ESU програмата да ја направи достапна и за приватните корисници, па дури да даде и бесплатна можност, јасно е дека е поради огромниот број на корисници кои сѐ уште го користат Windows 10.
Голем дел од кривицата за тоа ја носи Microsoft со нивното поставување на повисоки хардверски барања за инсталација на Windows 11, со што доста прилично нови и добри компјутери останаа некомпатибилни.
Сега стотици милиони корисници доаѓаат до ризик да користат небезбеден систем или да се префрлат на некоја од конкурентните платформи, наместо да се купат нов Windows 11 компјутер.