Иако Windows 11 може слободно да се каже дека е доста „наполнет“ оперативен систем со секакви функции и апликации кои на доста од корисниците не им се потребни, сепак навистина корисните функции обично доаѓаат преку одличната апликација од Microsoft наречена PowerToys.
Оваа апликација повторно доаѓа „на помош“ и ќе ја донесе една од наједноставните и основни функции кај системите, автоматска промена од светол во темен режим на корисничкиот интерфејс.
Windows 11 уште од самиот почеток овозможува избор на светол или темен режим, но никогаш не ја доби можноста промената да се прави автоматски, според избор на часовите или според периодот во денот.
Зошто ова е нешто што не е дел од Windows 11 не е познато, а уште помалку јасно е зошто доаѓа преку апликација која е замислена да овозможи функции за понапредните корисници.
Како и да е, верзијата 0.95 од PowerToys, која ќе стане достапна идниот месец, со себе ќе ја донесе и оваа можност, па корисниците кои навистина сакаат да ја користат, би било препорачливо да ја инсталираат апликацијата.
PowerToys донесува цела листа на функции, како на пример лента за пребарување како Spotlight на macOS, можност за подобрување на Snap функцијата, работа со слики и повеќе.