Фото: Microsoft

Microsoft ја пушти Windows 11 2025 Надградбата, односно Windows 11 25H2 верзијата, на почетокот од месецот, но како што можевме да видиме, помина времето кога овие надградби беа полни со новини. 

Во главно оваа верзија не донесува ништо посебно ново, па дури е направена на истата основа на кодот со 24H2, па корисниците ако не друго, барем ќе имаат доста брзо завршување на процесот. 

Сепак, во текот на годината читаме за тоа како се тестираат цела листа на новини кои треба да им станат достапни на корисниците, па конечно, најверојатно во неделите што следат, можеме да очекуваме неколку од нив да станат достапни за сите корисници. 

Моментално пуштени во Release Preview каналот, верзиите 26100.7015 за 24H2 корисниците, односно 26200.7015 за корисниците на 25H2, донесуваат повеќе новини, меѓу кои неколку кои посебно се истакнуваат. 

Release Preview каналот е тој кој е последен пред официјалното пуштање за сите, па затоа и може да се очекува достапност за сите корисници во текот на ноември. 

Главната новина која доаѓа со оваа прва надградба со нови функции за Windows 11 го донесува новото Старт мени. Ова мени сега ќе ги прикажува сите апликации на една страна, наместо на посебни како досега, а тие ќе бидат прикажани во неколку формати. 

Дополнително, од страната на Старт менито ќе се прикажува и „виџет“ за Phone Link апликацијата, односно за телефонот на корисникот доколку го има поврзано со Windows. 

Новини со оваа надградба добива и File Explorer кој сега ќе прикажува препорачани датотеки на главната страна врз основа на тоа кои датотеки често се отвораат, се скоро симнати и слично. 

Со поминување со глувчето врз датотеките сега се добива можноста да се отвори истата на својата локација, како и можност да се праша нешто од Copilot. 

Долната лента, односно „таскбарот“, добива подобра икона за батеријата, како и копче за Copilot кога ќе се помине врз некоја од отворените апликации. 

Листата на новини не е баш мала, а ова се главните, па доколку сакате да ги прочитате сите ситници кои се нови, тоа може да го направите од оваа објава

ИЗВОРWindows Central
ИЗВОР 2Microsoft
Претходна статијаПретставување на Galaxy XR: Отворање на нови светови
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.