Според статистиката која ја води и објавува Statcounter, Windows 11 за првпат после четири години од претставувањето успева да го надмине Windows 10 по бројот на корисници.
Промената на првото место доаѓа овој месец, односно јули, а Windows 11 според компанијата има пазарен удел од 52,19%, додека Windows 10 има паднато на 44,46% од сите Windows компјутери.
Ова секако е очекувано со оглед на тоа што доста години се поминати, па корисниците купуваат нови компјутери, а тука е и крајот на поддршката за Windows 10, која ќе заврши на 14 октомври оваа година.
Сепак, Microsoft им овозможи на корисниците, покрај платен начин, бесплатна можност за продолжување на поддршката за уште една година, а тие се што треба е да се најават со својата сметка на Windows Backup и да ги синхронизираат своите прилагодувања со серверите на компанијата.
Иако не е конкретно истакнато, како главна причина за оваа одлука верувам дека е ризикот од останување на Windows 10 или инсталација на некоја од Linux дистрибуциите од страна на корисниците. Microsoft мислам дека смета дека нема да може повеќето Windows 10 корисници да ги натера да купат нов компјутер.
Една од главните причини поради која на Windows 11 му беше потребно толку време за надминување на постарата верзија од Windows е поставувањето на повисоки барања за хардверот од страна на Microsoft. Доста прилично нови и одлични компјутери не можеа да бидат надградени на Windows 11 поради недостатокот на TPM 2.0 чип, а некои го имаат овој чип, но не и процесорот кој Microsoft го смета како потребен за надградба.
На ова треба да се додадат и корисниците кои секогаш остануваат на верзијата на која се имаат навикнато, како и некои критики за Windows 11, па на крајот резултатот беше ваков.
Apple од друга страна има поразлична стратегија, па секоја нова верзија од macOS е во главно иста со претходната, а достапни се само одредени нови функции, но нема драстична промена на целиот систем поради која некој би сакал да остане на претходната.