Познатиот BSOD – Blue Screen of Death, кој се појавува кога Windows не може да се стартува, најчесто поради проблем со некои „драјвери“, системски датотеки, хардвер и слично, заминува во историјата после 40 години.
Ова за жал не значи дека Windows веќе нема да може да има проблем со стартувањето, а Microsoft ќе го замени со поедноставен Black Screen of Death, што кратенката повторно ја прави BSOD.
Black Screen of Death ќе биде поедноставена и попрактична замена за синиот екран. На него ќе се прикажува само информацијата дека уредот има проблем, нема да има QR код, нема да има други графики, а најважно од се, директно ќе ја дава информацијата за предизвикувачот на проблемот, па нема да мора да се бара посебно.

Ова доста ќе ја олесни работата посебно на ИТ администраторите кои сигурно се соочуваат со вакви проблеми многу почесто од обичните корисници дома.
Новиот црн екран се очекува да биде пуштен со некоја од надградбите на Windows 11 во наредните неколку месеци.