Microsoft моментално применува нов и може да се каже за нив нестандарден начин на развој на наредниот оперативен систем, Windows 10. Уште од неговото претставување за првпат минатата година, корисниците добија можност да се зачленат во Windows Insider програмата преку која што добиваат пристап до тест верзиите од системот.
Преку оваа програма корисниците потоа можат да го користат системот и да ги даваат своите забелешки, критики, идеи и слично, врз основа на кои што Microsoft го развива системот и неговите функции.
Досега овој начин на работа се покажа како популарен кај корисниците, а од компанијата нагласуваат дека на Windows Insider програмата се зачленети повеќе од 3 милиони корисници. На ова треба да се додаде и бројка на корисници кои што Windows 10 го симнуваат преку други канали, преку торент на пример.
Овој начин на развој на оперативниот систем и неговите функции ќе продолжи и по претставување на неговата финална верзија, најавена за ова лето. Корисниците ќе можат да продолжат со користење на тест верзија од системот и да добиваат редовни надградби со нови функции за кои што ќе можат да го даваат своето мислење.
Ова се надоврзува и на најавата дека Windows 10 ќе биде „последниот“ Windows, како што го нарекуваат, односно последната поголема надградба на оперативниот систем на начин како што тоа досега било правено.
Понатаму сите надградби ќе се случуваат многу почесто и оперативниот систем нема да има потреба од менување на својата главна верзија за да може да добие одредени поголеми новости.
Исто така, Windows 10 се најавува дека ќе биде достапен и во форма на претплатата, како што тоа е случајот со Office 365, меѓутоа како точно ќе биде решен овој дел не е се’ уште објавено во детали.
Информациите доаѓаат од презентациите минатата недела за време на Build 2015 конференцијата.
Извор: PCWorld