Microsoft ја претстави „ограничената“ верзија од Windows 10, наречена Windows 10 S минатата недела. Истата е наменета за користење во образованието, односно од страна на учениците и учителите.

Замислена како директна конкуренција на Chrome OS, оваа верзија од Windows 10 е бесплатна, односно производителите на хардвер нема да треба да му плаќаат на Microsoft за вградување во нивните компјутери.

Главното ограничување, односно разлика од обичната Windows 10 верзија е тоа што ништо нема да може да се инсталира надвор од продавницата за апликации, односно од Windows Store.

Ова и не е баш најдобра вест со оглед на фактот што се’ уште најдобрите апликации за Windows доаѓаат во win32 форма, односно не се модерни апликации достапни преку Windows Store.

Ситуацијата треба да се подобри со тек на време преку Windows Bridge, односно можноста програмерите своите win32 апликации да ги конвертираат за достапност преку Windows Store. Бројката на вакви апликации моментално е многу мала, но се очекува со тек на време да се зголеми, а една од најважните апликации која ќе биде достапна преку Store ќе биде Office од Microsoft.

Поради ваквото ограничување во Windows 10 S, како и дополнителната промена на правилата на Windows Store, корисниците нема да имаат можност да користат интернет прелистувачи освен тој од Microsoft, веќе познатиот Edge.

Тоа значи дека на овој оперативен систем корисниците нема да можат да ги инсталираат, односно програмерите нема да може да ги постават другите интернет прелистувачи кои се достапни за обичната верзија на Windows. Chrome, Firefox, Opera и сличните ќе останат достапни само на целосната верзија од Windows 10.

Интернет прелистувачи кои не се Edge ќе може да бидат претставени во продавницата, но тие ќе мора да ја користат технологијата од Microsoft, што значи дека тие би биле само Edge прелистувачи со друг кориснички интерфејс.

Microsoft е критикуван за оваа одлука, меѓутоа без разлика дали таа е исправна или не, тие не се први и единствени што ја спроведуваат. Истата политика ја има Google на нивниот Chrome OS, како и Apple на iOS.

Извор: ZDNet, PCMag

Претходна статијаMicrosoft PowerPoint ќе ги преведува презентациите во живо
Следна статијаThunderbird ќе продолжи да се развива под капата на Mozilla Foundation
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.