Оваа недела Microsoft ја пушти најновата тест верзија за Windows Insider корисниците за мобилните телефони. Верзијата е со број 10136, односно се работи за Build 10136 кој што може да биде симнат на компатибилните телефони.
Оваа верзија не може да биде инсталирана од 10080 поради баг кој што ќе биде исправен за наредните верзии, а поради барање од корисниците сепак беше пуштена. Доколку веќе ја користите верзијата 10080, ќе мора да се вратите на Windows Phone 8.1 преку Windows Phone Recovery Tool, па повторно да изберете да бидете дел од Fast ring во Windows Insider апликацијата, по што ќе можете да го надградите уредот на најновата Windows 10 тест верзија.
Покрај другите подобрувања, оваа верзија донесува една нова функција која што веќе ја има на другите платформи, а е навистина корисна за корисниците на уреди со екран од 5 или повеќе инчи. Функцијата овозможува намалување на екранот, односно приказот на главниот екран на половина, со што се овозможува полесна работа со една рака.
Функцијата се вклучува со држење на Home копчето, а на истиот начин се враќа екранот во првобитната позиција. Доколку неколку секунди не го користите уредот, тој автоматски ќе се врати во нормална позиција.
Со оглед на тоа што се работи се’ уште за тест верзија од оперативниот систем, која што не е спремна за користење на главниот телефон, функцијата може да очекуваме да биде подобрена.
Во продолжение можете да погледнете како изгледа оваа функција од видеото направено од страна на Windows Central.
Извор: Windows Central