Microsoft работи на неколку новини кај Старт менито кои засега се „сокриени“ во тест верзиите од оперативниот систем, па по некоја логика истите можеме да ги очекуваме најрано во есен со поголемата годишна надградба.
Овие новини сепак можат да бидат вклучени, па уште сега можеме да видиме на што работат од компанијата.
Не се работи за целосна преработка на ова познато мени кое не е баш популарно во својата најнова верзија во Windows 11, но можеби има шанса критиките да бидат намалени, односно функционалноста и корисничкото искуство доста подобрени.
Од тоа што може да се види, Старт менито ќе биде пошироко за одреден степен, а клучната разлика е што ќе има можност сите апликации да бидат прикажани на главната страна.
Покрај прикачените апликации на прво место, како и досега, Старт менито ќе добие уште еден ред на кого ќе бидат прикажани сите апликации, наместо до истите да се доаѓа со клик на посебен дел.
Корисниците ќе можат да изберат како се прикажуваат сите апликации, а исто така ќе можат да го прилагодат делот за предлози, како и целосно да го исклучат.
Како што кажав, не се работи за целосен редизајн на менито, но истото дефинитивно со овие новини ќе биде покорисно. Повеќе работи ќе можат да се видат и да се пристапи до нив на овој начин, а и корисниците добиваат поголем избор при прилагодувањето.