os x mavericks multi disp

Mavericks, како што е наречена оваа верзија на OS X претставува 10-тата надградба на десктоп оперативниот систем на Apple. Истиот беше најавен во Јуни на WWDC 2013 настанот и е сеуште во тест фаза и достапен за програмерите. Се очекува да биде официјално достапен во Октомври оваа година. Што е ново и интересно во оваа верзија на оперативниот систем ?

Подобрено функционирањето на повеќе екрани

Поддршката за користење на повеќе екрани ја има одамна, но со оваа надградба станува многу пофункционална. Сега секој посебен екран функционира независно од другите, го има главното мени, што дава можност да се користи како целосно посебен компјутер. Можете да користите различни апликации на секој посебен монитор со сопствено мени, да користите апликации на целиот екран на едниот, а обична апликација на другиот. Докот се појавува на екранот што во моментот го користите.

Подобрено функционирање на нотификациите

Системот за нотификации станува интерактивен, односно веќе не мора да престанете со тоа што го работите и да ја отворите апликацијата од каде што доаѓа нотификацијата, туку можете да ја завршите работата директно од центарот за нотификации. На пример, доколку ви стигне email порака, до сега моравте да кликнете на нотификацијата со што се отвора email апликацијата и од таму да ја проверите пораката и доколку сакате да одговорите на истата. Сега на порака можете да одговорите директно од центарот за нотификации и со тоа да останете на претходната апликација на која што сте работеле.

notifications_interactive

Ленти (tabs) во Finder апликацијата

Апликацијата преку која ја разгледувате содржината на вашиот компјутер, односно диск добива поддршка за ленти. Тоа значи дека доколку имате потреба да работите со повеќе локации во Finder и поради тоа да отворите повеќе прозорци, што знае да направи неред на екранот и потешка навигација помеѓу отворените прозорци, сега сите тие прозорци можете да ги отворите како посебни ленти во само еден отворен Finder прозорец.

finder tabs

Тагови (ознаки) во Finder

За полесно организирање, а потоа и наоѓање на вашите фајлови или документи, можете да ги означите со збор карактеристичен за нив. На пример одредена група на документи може да ги означите како „Важни“, па кога ќе ги барате наместо да пребарувате по различните папки, ќе кликнете на ознаката „Важни“ и сите документи што ги имате означено со таа ознака ќе ви бидат излистани. Можете да доделувате повеќе ознаки за истиот фајл, а можете да означувате и фајлови што се наоѓаат на iCloud.

iBooks и Maps апликациите од iOS достапни на OS X

Овие популарни апликации достапни на iOS сега имаат свои посебни апликации направени за OS X. Со нив е вградена синхронизацијата на содржината, па се што сте читале на вашиот iPad на пример ќе биде достапно и на вашиот Mac компјутер. Доколку барате како да стигнете до одредена дестинација преку Maps апликацијата и истото го правите преку компјутерот, резултатите можете да ги испратите на вашиот мобилен или таблет и да продолжите на нив.

App Nap

App Nap или ако буквално го преведеме Дремка на апликации ја штеди вашата батерија ставајќи ги апликациите што во моментот не ги користите и се наоѓаат позади другите апликации во состојба на хибернација.  Така апликациите што не ги користите, а исто така не пуштаат музика во моментот или не проверуваат email, нема да бидат активни и непотребно да трошат ресурси.

Дали сте корисници на OS X и дали планирате да направите надградба на најновата верзија кога ќе стане достапна ?

Претходна статијаКина ќе ја тргне забраната за одредени сајтови во слободната трговска зона во Шангај
Следна статијаLivescribe 3 – ново “паметно” пенкало
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.