Apple вчера официјално се приклучи на трендот на генеративна вештачка интелигенција, односно ја презентира нивната интеграција кај новите верзии од iOS, iPadOS и macOS.
Очекувано за компанијата, оваа интеграција носи посебно име и е наречена Apple Intelligence.
Една од главните теми на разговор беше приватноста на корисниците, а тоа Apple тврди дека го постигнува со локално процесирање на барањата, како и преку нивниот приватен Private Cloud Compute сервер.
Дали и колку сето ова навистина е приватно како што се тврди од компанијата неколку пати истакнуваа дека може да се провери од страна на независни страни, па ќе видиме.
Apple на крајот потврди и дека имаат договорено соработка со OpenAI за интеграција на ChatGPT во ситуации кога локалните јазични модели или тие на нивните сервери не се доволни за одредени барања.
Беше истакнато дека ChatGPT нема да се користи без прво да се даде дозвола од страна на корисникот, а дури и тогаш нема да бидат испраќани податоци до серверите на OpenAI кои би биле поврзани со корисникот, како IP адресата, на пример.
Елон Маск сепак не смета дека овие објаснување се доволни, па тој едноставно смета дека соработката на Apple со OpenAI е неприфатлива. Тој истакна дека доколку OpenAI алатките бидат интегрирани директно во оперативните системи, тој ќе го забрани користењето на уреди од Apple во неговите компании.
Додава дека посетителите ќе мора да ги остават нивните Apple уреди во посебна кутија, односно „Фарадејев кафез“, што делува малку претерано.
Дали Елон Маск знае нешто што ние не го знаеме или едноставно оваа реакција е резултат на судскиот процес кој го има против OpenAI, не знаеме, па можеби ќе објасни некој кој доволно се разбира на оваа тема.