xxl_Piracy-970-80

Софтверскиот гигант од Редмонд неколку пати го смени начинот на кој постапуваат со оние што имаат пиратски верзии на Windows 7 и 8.1, а се одлучија да ги надградат на Windows 10. Најновата е дека ќе бидат попријателски настроени, односно нема веќе да ги гледате нападните реченици од кои ќе се чувствувате дека сте криминалец.

Имено, Microsoft почнува експериментална надградба на нелиценцирани, но активирани верзии на Windows 7 и 8.1 во САД, каде корисниците, откако ќе надградат на Windows 10, ќе можат само со еден клик на копче да одат до Windows Store и веднаш да го активираат својот систем, или пак да внесат код од купен оперативен систем од некој препродавач.

Значи, да појасниме, ова не значи дека нема да треба да платите за Windows 10. Едноставно, само е сменет начинот на кој Microsoft ви го соопштува тоа. И доколку овој експеримент се покаже како успешен, односно повеќето од корисниците се одлучат да го купат оперативниот систем, ваквата надградба ќе биде имплементирана и во останатите земји.

Get-Windows-10-image copy

Исто така, тие што уште немаат избрано Windows 10 надградба, а имаат Windows 7 или 8.1, можат да очекуваат уште поагресивни нотификации за инсталирање на поновиот систем, со неколку кул слики и маркетинг слогани кои ја покажуваат супериорноста на 10-ката. На многу компјутери низ светот, Microsoft автоматски ќе го симне оперативниот систем и ќе почне со инсталацијата. Нормално, ќе можете да ја исклучите, односно да одберете дека не сакате надградба, но јасно е дека од Редмонд сакаат да ја имате во вашиот компјутер.

Лично, препорачувам да пробате. Секој што ќе направи надградба, има шанса да се врати на стариот OS во наредните 31 дена од инсталирањето. Да, се ќе ви биде вратено како што било претходно, заедно со промените на датотеките што сте ги направиле на Windows 10. Иако искрено не верувам дека ќе сакате назад откако ќе го пробате.

Извор: PC World, Windows Blog

Претходна статијаUlo – Привлечна и паметна домашна безбедносна камера
Следна статијаHuawei го навестува Mate 8, најмоќниот смартфон на компанијата