Еден од проблемите кои што Microsoft ги има со послабата прифатеност на нивниот најнов оперативен систем е тоа што голем број од корисниците кој што сепак го користат, се’ уште не ја користат неговата најнова достапна верзија. Тоа значи дека голем број од корисниците го користат Windows 8, иако најновата верзија е Windows 8.1 Update. Голем број на корисници кои што го имаат надградено оперативниот систем на 8.1 ја немаат инсталирано Update надградбата, по што Microsoft реши да ги прекине сигурносните и слични надградби за тие корисници. Ваквата ситуација доведува до разни верзии од оперативниот систем на пазарот, нешто што не е карактеристично за Windows оперативниот систем, а кога на тоа ќе се додаде и големата бројка на Windows 7 и Windows XP корисници, овој оперативен систем почнува да наликува на Android, ако ги погледнете статистиките за достапните негови верзии.
Главната причина поради која што голем дел од корисниците на Windows 8 не ја користат најновата верзија, а посебно тие што уште се останати на првата верзија од оперативниот систем, е нешто посложениот процес на надградба, барем за обичниот корисник кој што не е доволно научен сам да го средува својот компјутер. Надградбата од Windows 8 на 8.1 се прави преку продавницата за апликации, наместо преку стандардниот дотогаш начин преку Windows Update функцијата на системот. Според информациите на Microsoft, голем број од корисниците не можат да ја најдат надградбата, како и на голем број од нив процесот им изгледа премногу сложен, па се имаат одлучено да не ја инсталираат.
За да ја намали различноста на користените верзии на оперативниот систем, Microsoft е во фаза на тестирање на доставување на надградбата од 8 на 8.1 преку Windows Update, нешто што за повеќето корисници ќе се случи автоматски, а за тие што не им се вклучени автоматските надградби, процесот веќе нема да биде сложен како преку продавницата за апликации. Тестирањето се прави преку ограничен број на корисници на Windows 8 RT верзијата, по што овој начин на надградба ќе биде пуштен за сите корисници. Кога ќе биде пуштена, надградбата ќе биде направена на најновата верзија, односно корисницте ќе бидат префрлени на Windows 8.1 Update, односно Update 2, зависно од времето на пуштање на надградбата.
Дали сте корисник на Windows 8 и која верзија моментално ја користите ? Доколку не сте сигурни, верзијата на вашиот Windows оперативен систем можете да ја проверите преку следниот линк.