Една од поголемите критики за тогаш новиот Windows 10 беше нивото на информации кои овој оперативен систем ги испраќа до Microsoft. Овие информации кратко кажано испраќаат скоро се за видот на уредот и неговото користење до Microsoft, а се веруваше дека корисниците и нема како да го исклучат ова, поради што дури и денес се популарни неколку апликации кои ја блокираат комуникацијата на овој дел од системот со серверите на компанијата.

Сепак, Windows 10 во поновите верзии има две нивоа на собирање и испраќање на податоци за дијагностика, како што се наречени, а Microsoft исто така овозможи и пристап до овие податоци за корисниците преку алатката Diagnostic Data Viewer.

Во основа, во Settings > Privacy > Diagnostic & Feedback, постојат две нивоа кои корисникот може да ги избере и со тоа да го контролира нивото на податоци кои Microsoft ќе ги собира од неговиот уред. Basic нивото не може да се исклучи и испраќа помалку податоци кои не би требало да ја нарушат приватноста на корисникот, а се тука за нормално функционирање на уредот, додека Full нивото испраќа многу повеќе податоци кои иако се тврди дека се за подобрување на сервисите, сепак може да ги загрижат дел од корисниците.

Basic нивото на собирање на податоци ги испраќа до Microsoft информациите за видот на уредот што се користи, инсталираните драјвери, како и хардверот. Исто така, со ова ниво се испраќаат и информации за тоа дали некоја надградба била целосно инсталирана, верзијата на оперативниот систем, инсталираните апликации и слично.

Full нивото испраќа многу повеќе податоци како што е историјата ја посетени веб страни преку прелистувачите на Microsoft, подетални информации за уредот, делови од тоа што се пишува во апликациите, активноста на апликациите, како на пример кои апликациите се вклучуваат и слично.

Со цел да нема забуна кај корисниците кое ниво го користат и можноста за промена и исклучување на истото, Microsoft ќе го промени начинот на којшто ги означува овие нивоа. Па така, Basic ќе почне да се нарекува Required, додека Full ќе се вика Optional.

Оваа промена е вклучена во најновата тест верзија од Windows 10, а веќе можевме да ја видиме во мобилните апликации на Microsoft.

Ова секако не го менува начинот и нивото на информации кои Windows 10 ги испраќа до Microsoft, но треба малку појасно да им биде на корисниците што можат да изберат.

ИЗВОРMicrosoft
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаWizz Air ги суспендираше северно италијанските рути со цел да го спречи ширењето на Коронавирусот
Следна статијаМилиони луѓе ќе го дадат својот глас за Земјата – Македонија по 11-ти пат се вклучува во акцијата Часот на планетата Земја
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.