Со пуштањето на најновата верзија од бета каналот на Windows Insider програмата, Microsoft најави блокирање на една можност која е доста популарна кај одреден број на корисници на Windows 11.
Се работи за неколку достапни механизми кои им овозможуваа на корисниците да го прескокнат делот при првичното прилагодување на нова инсталација од Windows 11, кој бара најава со Microsoft сметка.
Познато е колку Microsoft не сака корисниците да го користат Windows со локална сметка, нешто што порано беше стандардно и нормално. Со најава со Microsoft сметка од компанијата вклучуваат одредени сервиси, како OneDrive, а и доаѓа до поврзување на одредени информации со конкретниот корисник.
Сега сите достапни и познати механизми за прескокнување на делот за најава при првото прилагодување на Windows 11 нема да функционираат, па корисниците ќе мора да се најават со својата сметка.
Тоа што е добро е што по вклучувањето на системот, корисниците ќе можат да креираат локална сметка и да се одјават од сметката, како и од сервисите, а достапни се и неколку апликации за целосно исклучување на одредени Microsoft сервиси и бришење на апликации.
Засега оваа новина се тестира, но сигурно ќе стане дел од финалните верзии за сите корисници во месеците што следат.