Samsung веќе најави дека пуштањето на One UI 8 надградбата за корисниците ќе започне во септември, а сега имаме уште една потврда од компанијата, „за секој случај“.
One UI 8 е најновата верзија од системот кој го развива Samsung, направена на основа на Android 16, најновата верзија од Android. За разлика од претходната верзија, бројот на поголеми новини е помал, но затоа корисниците можат да очекуваат подобрување на перформансите и стабилноста на целиот систем.
Оваа верзија веќе е достапна кај новите Galaxy Z Fold7 и Flip7 кои беа претставени на почетокот од минатиот месец, но за другите уреди сѐ уште е достапна само бета верзија.
Во најнова објава од компанијата, повторно имаме потврда дека One UI 8 може да се очекува од идниот месец, односно од септември, иако не се истакнува точна дата или недела.
„One UI 8 ќе почне да се испорачува на други уреди во септември, почнувајќи со серијата Galaxy S25. Со подигање на синергијата помеѓу вештачката интелигенција и преклопните форми на Samsung на ново ниво, новиот кориснички интерфејс ветува дека ќе отвори нови можности за секојдневниот живот.“ – истакнуваат од Samsung.
Очекувано, први на ред за надградбата се корисниците на најновата серија, Galaxy S25 серијата, по што ќе следат и нешто постарите уреди.