Android N, наредната верзија од овој оперативен систем, достапна е за тестирање и веќе се откриваат одредени интересни новини. Во оваа фаза тие се наоѓаат „скриени“ во кодот, па ги откриваат програмерите кои го тестираат.
Како што веќе можевме да прочитаме, разгледувајќи го кодот на Android N, дечките од Ars Technica имаат откриено код којшто укажува на можноста апликациите во Android да се користат во посебни намалени прозори, односно исто како на десктоп оперативните системи.
Со помош од нивни читател, од Ars Technica успеваат да ја вклучат функцијата која ја имаат пронајдено во кодот и со тоа да потврдат дека навистина се работи за нова можност која овозможува користење на Android како десктоп систем.
Очекувано, се работи за функција во многу рана фаза од развојот, па според кажувањата не функционира без проблеми, а сигурно може да се очекуваат и доста промени пред пуштањето на истата за корисниците.
Инаку, секоја апликација може да биде пуштена во посебен прозор, а истото се активира со притискање на посебно копче во погледот на активните апликации. По неговото притискање, апликацијата се намалува во посебниот прозор, а е поставена на посебна позадина, односно не класично на главниот екран на уредот.
Прозорите може да ја менуваат големината, меѓутоа во оваа фаза само на една страна, односно не може да се менува хоризонтално и вертикално во исто време како на Windows. Прозорите исто така може да се наместат да зафаќаат половина од екранот со нивно влечење до саканиот крај.
На горниот дел достапни се копчиња за исклучување на прозорот, односно на апликацијата, а при прикажување на активните апликации, тие што се во режимот на прозори се прикажани посебно.
Видеото коешто го направија од Ars Technica најдобро покажува како изгледа оваа функција моментално.
Извор: Ars Technica, TechnoBuffalo