Најновата верзија на iOS е најголемата промена во дизајнот од првото претставување на овој оперативен систем. Тоа се гледа во целосно рамниот дизајн, кои според некои потсетува многу на Windows Phone. Меѓутоа без разлика на одредени коментари, дизајнот изгледа одлично, како и се што Apple го дизајнира, содржи доста текстури и градиенти, транспарентност, кои го прават нешто повеќе од само рамен дизајн.
Покрај различен дизајн iOS 7 ги донесува и следните новини:
Контролен центар (Control Center)
Контролниот центар е направен да ви овозможи брз пристап до функции и апликации што често ги користите. До него се пристапува со повлекување на прстот од долниот дел нагоре додека сте на било кој дел, вклучувајќи го и екранот додека телефонот е заклучен (lock screen). Со тоа добивате брз пристап до контролите за вклучување и исклучување на WiFi, Airplane mode, Bluetooth, Do not disturb, палење на батерија, калкулатор, тајмер и камера, јачината на екранот, контроли за музика.
Нов центар за нотификации (Notification Center)
Центарот за нотификации првпат беше воведен во iOS 5. Во најновата верзија е целосно редизајниран согласно новиот дизајн на целиот оперативен систем. Исто така има и одредени новини во функционирањето. До него сега можете да пристапите и додека сте на lock screen-от. Составен е од три ленти, Денес – Сите – Пропуштени. Во денес лентата можете да ги видите сите случувања за тековниот ден, покрај стандардните нотификации од апликациите. Тука ќе ги видите вашите состаноци, родендени, временската прогноза… Имате можност да избирате што сакате да биде прикажано на оваа лента. Во Сите лентата ги имате сите ваши нотификации, групирани по апликации, а Пропуштени ги прикажува сите нотификации кои што сеуште ги немате проверено од моментот на нивното појавување.
Нов мултитаскинг систем
Новиот систем за мултитаскинг е направен да биде попаметен и прилагодлив на вашето користење на телефонот. На пример, доколку имате навика да проверувате што има ново на Facebook секое утре во 10 часот, апликацијата ќе биде ажурирана и спремна во тоа време. Исто така направен е и редизајн на начинот на проверување на вклучените апликации и нивното исклучување. Со двојно притискање на копчето добивате хоризонтална листа на сите активни апликации и истите можете да ги исклучите со повлекување на прстот преку нив.
Нов Safari веб прелистувач
Покрај новиот изглед новата верзија на Safari вклучува и унифицирано поле за пребарување и нов изглед на активните табови.
Покрај овие новини, iOS 7 ги има и следните:
- Нови икони и фолдери
- Динамични позадини
- iTunes радио сервис
- AirDrop споделување на податоци
- Мерач на наклонот во Компас апликацијата
- Филтри за камерата
- Нова апликација за фотографии со подобро организирање и менување на сликите
- Апликација за временска прогноза со анимации
- Надградена апликација за мапи
- Надграден Siri сервисот
- Црна листа на контакти
- Автоматско ажурирање на апликациите