Apple, стандардно за овој период од годината, ја презентира наредната верзија од iOS, сега со нов начин на означување, iOS 26. Како и секогаш, голем дел од помалите новини не се дел од презентацијата, а еве две кои посебно се истакнуваат според мене за подобрување на корисничкото искуство.
Првата новина се однесува на начинот на враќање назад кај iOS, односно активност која е толку едноставна и добра на Android. iOS 26 ќе се обиде да го подобри ова, па сега наместо назад гестикулацијата да мора да се направи од самиот почеток на левиот дел од екранот, сега истата ќе може да започне од било кој дел од екранот.
Повлекувањето како и досега се прави кон десната страна, па доколку не притиснете на некој интерактивен дел, гестикулацијата за назад ќе можете да ја направите од било каде. Ова е посебно корисно кога телефонот се користи со една рака.
iOS останува да функционира на овој начин и не го прифаќа стилот од Android каде гестикулацијата може да се направи од двете страни на екранот и функционира како старото копче за назад.
Втората новина е поврзана со батеријата и изгледа е новината која се најавуваше како дел од Apple Intelligence. Истата се додава на можноста за избор на „Low Power Mode“ и е наречена „Adaptive Power“.
Со вклучување на оваа функција, телефонот ќе почне да прави одредени промени за да ја намали потрошувачката на енергија, како на пример намалување на светлината на екранот или перформансите. Со намалувањето на перформансите истакнато е дека некои активност може да им треба нешто повеќе додека бидат извршени.
Со Adaptive Power автоматски се вклучува Low Power Mode кога батерија ќе дојде до 20%.
Колку разлика ќе може да направи оваа нова функција, ќе мора да почекаме додека може да ја тестираме.